Телефон со Android: Брзи поставки

Научете како да пристапувате до вообичаените поставки брзо и лесно.

Научете како да пристапувате брзо до некои од најкорисните поставки на вашиот телефон, вклучувајќи го звукот, осветленоста на екран и поврзувањето преку Wi-Fi и мобилни податоци.

Пред да почнете

Брзи поставки на телефон

Паметниот телефон со Android што се употребува во презентациите во овој курс можеби не е ист со вашиот, но менијата и чекорите би требало да бидат слични.

Пред да почнете, проверете дека:

  • вашиот телефон со Android е целосно полн
  • оперативниот софтвер (operating software) е ажуриран
  • телефонот е отклучен (unlocked) и го покажува Почетниот екран (Home screen).

Како да пристапите до Брзите поставки

Поминете со прстот надолу од горниот дел на екранот за да го отворите панелот Брзи поставки (Quick Settings):

  • почнете со прстот на рамката
  • поминете со прстот надолу за да ги видите најчесто користените поставки
  • поминете со прстот надолу вторпат за да видите и други поставки
  • Ако можете да видите две или повеќе точки во долниот дел на панелот, тоа значи дека постојат и други поставки до кои можете да пристапите со минување со прст налево или надесно
  • За да го затворите панелот Брзи поставки (Quick Settings), поминете со прстот нагоре еднаш или двапати (во зависност од моделот на вашиот телефон со Android).

Можете да пристапите до Брзите поставки (Quick Settings) во секое време, дури и ако користите некоја апликација, гледате филм или се наоѓате насред повик.

Како да ги користите вообичаените Брзи поставки

Во зависност од моделот на вашиот телефон со Android, следните поставки може да се појават откако ќе поминете со прстот надолу (за малиот панел), или можеби ќе треба да поминете со прстот надолу вторпат (за големиот панел). Една поставка е активна кога нејзината икона или плочка е активна, а не е активна кога иконата или плочката е сива или темна.

  • Лизгачот за осветленост на екран (screen brightness slider) се појавува во горниот или долниот дел на панелот, во зависност од телефонот. Лизгајте го надесно за да го осветлите екранот, а налево за да го затемните.
  • Допрете ја иконата за Звук (Sound icon) за да ги разгледате разните поставки за звук.
  • Исклучи (Mute) (или Тивок (Silent)) значи дека телефонот нема да емитува звуци или вибрации кога добивате повик или порака.
  • Вибрирај (Vibrate) значи дека телефонот нема да емитува мелодија на ѕвонење, но ќе ве известува за повици и пораки така што ќе вибрира.
  • Вклучи звук (Sound on) значи дека телефонот ќе ги емитува сите мелодии на ѕвонење и предупредувачки звуци за пораки.
  • Допрете ја иконата Wi-Fi за да се поврзете на интернет преку домашна или јавна Wi-Fi мрежа. Името на мрежата на којашто сте се поврзале се појавува под иконата.
  • Допрете ја иконата Мобилни податоци (Mobile data) за да го исклучите пристапот до интернет преку мобилната мрежа. Сепак ќе можете да вршите повици на мобилниот телефон, но нема да користите податоци од мобилниот пакет.
  • Допрете на Авионски режим (Flight Mode) за да ги исклучите радијата или предавателите на вашиот телефон. Овој режим, освен за безбедност при летање, е корисен начин да бидете сигурни дека не сте поврзани на интернет или дека не користите мобилни податоци. Допрете повторно за да ја вклучите Wi-Fi мрежата и мобилните услуги.
  • Ако вашиот телефон не работи со безжичните слушалки, или ако не можете да се поврзете на музичкиот уред во автомобилот, проверете дали одликата Bluetooth е вклучена.
Јавната Wi-Fi мрежа може да биде помалку безбедна од домашната Wi‑Fi, мрежа, па немојте ја користите за банкарски или други активности за кои се потребни вашите лични податоци.

Како да го користите телефонот како џебна светилка

Вашиот телефон со Android има моќна ЛЕД светилка за блицот на камерата, но таа може исто така да се употребува како светилка (torch) ако некогаш ви притреба.

  • Отворете го панелот Брзи поставки (Quick Settings)
  • Допрете ја иконата на светилка (Torch icon). ЛЕД-светилката на задниот дел на телефонот ќе се вклучи.
  • Користењето на светилката не ѝ штети на камерата, но ја троши батеријата на телефонот.
  • Ако Светилката (Torch) не се вклучи повторно, на ЛЕД-светилката можеби ѝ треба малку време за да се излади. Обидете се повторно по 30 секунди.

Брз пристап до камерата

Понекогаш може да пропуштите некоја прилика за сликање, бидејќи на телефонот му треба предолго време да се отклучи и да ја отвори апликацијата на камера. Но, можете брзо да ја стартувате камерата на следниот начин:

  • најдете го копчето за вклучување/исклучување (power button) на страната на телефонот
  • притиснете го брзо двапати едноподруго
  • апликацијата Камера (Camera app) се отвора и подготвена е да сликате фотографија
  • откако ќе сликате фотографија, отклучете го вашиот телефон за целосна функционалност на камерата.

Ако двојното кликнување на копчето за вклучување/исклучување не ја отвори камерата на телефонот, во апликацијата Поставки (Settings app) побарајте опции за користење на физички копчиња на телефонот за пристап до камерата.